Конечно добија разврска многуте бројни шпекулации за најтрофејниот македонски клуб Вардар. Според Екипа добива нова сопственичка трансформација, како начин во обидот за конечно надминување на еден од најтешките периоди во историјата на црвено-црните.
Како што дознава ЕКИПА, актуелниот сопственик на клубот, Слободан Крстевски деновиве 75% од акциите на клубот треба да префрли на „Комитите“.
Најверната навивачка група на Вардар и онака е единствената групација која во моментов го одржува во живот клубот, финансиски помагајќи, во рамките на можностите, и за играчите но и овозможувајќи минимум услови тимот да остане во натпреварувачки живот сезонава во Втората македонска фудбалска лига. Токму поради тоа, низ интензивни преговори изминатиов период, како што дознаваме постигнат е договор Крстевски да префрли 75% од акциите на „Комитите“, со што би се ослободил од грижата за клубот.
Изминативе шест месеци постојано се плетеа шпекулации дека турски и унгарски компании се сериозно заинтересирани за влез во Вардар, но ништо од тоа.
Слободан Крстевски преку неговата компанија „Блуј Скај“ го презеде Вардар во јули 2021 година, најавуваше комплетна стабилизација на клубот, но не успеа апсолутно ништо да направи за најтрофејниот македонски фудбалски колектив. Неочекувано се согласи да преземе „нечист клуб“ оставен од претходниот сопственик Сергеј Самсоненко со сериозен товар долгови, и низ изминатите две години само ја продлабочи кризата на клубот. Токму Самсоненко го остави и Вардар без апсолутно ништо, и покрај постојаните чисто промотивни активности во негово време дека се гради силна инфраструктура за „црвено-црните“, од кои сега Вардар нема апсолутно ништо. Дури и „златната кокошка“ – тренинг центарот со некогашната младинска школа на Вардар кој се наоѓа во најстрогиот центар на градот веднаш до националната арена „Тодор Проески“, ФК Вардар си го изгуби како простор, а сега си е и под сопствеништво на компании на Самсоненко и неговата сопруга кои го водат фудбалскиот клуб и школа „Парк“.