Кризниот штаб при Стопанската комора на  Македонија ја поздравува заложбата на Владата за носење мерки за поддршка на компаниите, како и последната Одлука за преземање мерка при прогласена кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија.

Комората потсетува дека Кризниот штаб е континуирано на терен во посета на компаниите од каде директно ги согледува состојбите во врска со енергетската криза, како и дека целиот пакет за поддршка опфатен со последната Одлука се однесува на компаниите кои произведуваат основни прехранбени производи, во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија.

-Благодарение на нашите заложби и соработка со Владата, се излезе во пресрет и на месната индустрија и на тој начин на компаниите од месната индустрија им се овозможува да добијат поевтина струја од 80 евра за мегават час. Во тој контекст Владата вчера ја вклучи и месната индустрија во пакетот мерки за субвенционира електрична енергија. Апелираме, укажуваме и очекуваме дека во делот на месната индустрија ќе биде вклучена целата дејност одгледување на животни, што е многу важно за сите фирми кои имаат фарми за одгледување на животни (живина, свињи, молзни крави, овци, кози) и се наоѓаат на слободниот пазар на електрична енергија, да бидат поддеднакво третирани во мерката, со цел сочувување на сточниот фонд во нашата држава. Секако дека со овие мерки компаниите, производителите на основни прехранбени производи ќе имаат предвидливост, стабилна и поевтина струја, што крајно може да влијае и врз стабилизирање на цените на финалните производи кои се произведуваат и се продаваат од овие компании, наведува Комората.

Воедно информира дека во насока на поддршка на компаниите, деновиве Кризниот штаб ќе оствари средба со менаџментот на Развојна банка на Северна Македонија. Целта е да се афирмираат кај бизнис заедницата поволносите од кредитните линии за поддршка на стопанството во услови на енергетската криза. Предвидени се и средби со претставници од Делегацијата на ЕУ во земјава за финансирање и поддршка на проекти значајни за бизнис секторот.