Матичната компанија на Гугл, Алфабет соопшти денеска дека ќе укине 12.000 работни места, порачувајќи им на работниците дека економската ситуација е полоша отколку што очекувале.

Компанијата интензивно вработуваше во последниве години „за поинаква економска реалност од онаа со која се соочуваме денес“, напиша во допис до вработените, извршниот директор на Алфабет, Сундар Пичаи.

„Јас сум целосно одговорен за лекциите што не доведоа до сегашната ситуација“, додаде Пичаи.

Компанијата планира отпуштања и во инженерските одделенија, а работниците во САД први добија известување за отпуштањата. Во другите земји, процесот ќе трае подолго поради законите за работни односи, додаваат тие.

Објавата на Гугл следи по овонеделните информации од Мајкрософт дека планира да отпушти 10.000 работници.
Амазон исто така почна да дели откази, што би требало да влијае на 18.000 вработени. Мета планира да отпушти 11.000 работници, а Сејлсфорс 10 отсто од вкупно 80.000 вработени.

Во технолошкиот сектор во 2022 година се најавени повеќе од 97.000 отпуштања, што е најмногу од 2002 година, кога се укинати 131.000 работни места, според податоците од Challenger, Grey & Christmas.