Премиерот Христијан Мицкоски очекува странските директни инвестиции до крајот на годинава да надминат вредност поголема од една милијарда евра, со што, како што вели, Македонија ќе стане една од водечките држави во регионот.

– Мислам дека тоа што го ветувавме го испорачавме, а и повеќе од тоа. Продолжуваме со активностите. Очекувам директните странски инвестиции на крајот на оваа година да бидат повеќе од 1 милијарда евра. Особено овој процес се задвижи во трет и во четврт квартал и очекувам да бидеме водечки по глава на жител во регионот, односно да се вратиме онаму каде што бевме пред 7 – 8 години и да продолжиме пожестоко и помотивирано да работиме – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање на поставување камен-темелник на доградба на детска градинка „Кокичиња“ во село Таринци во Општина Карбинци.

Премиерот додаде дека што се однесува до директни странски инвестиции во изминатите неполни 6 месеци, колку што е на власт новата Влада, ставен е камен темелник, привршуваат преговорите или се завршени со странски инвеститори за инвестиции, во вредност поголема од 700 милини евра, кои ќе обезбедат отприлика нови 2.800 работни места.

– Тоа е директниот инпакт, но очекуваме индиректниот да биде најмалку уште толку во делот на компаниите кои ќе соработуваат со овие странки инвеститори – рече македонскиот премиер.

Тој најави дека тука – на тромеѓето меѓу Штип, Карбинци и Радовиш – се очекува, кон крај на јуни и на почеток на јули, да почне и изградба на ветерниот парк кој ќе произведува електрична енергија која што е „со капацитет од 20% од вкупното консумирање на државата“.

Тој потсети дека вчера во Кичево била најавена нова инвестиција која во одреден момент, кога ќе го достигне својот максимум, кој според извршниот директор се очекува да се случи за 6-7 години, ќе остварува извоз од околу половина милијарда евра.

– Но, исто така е важно тоа што тие разгледуваат можност да ја прошират инвестицијата со уште една дополнителна. Како можни локации се споменуваат постојната во Кичево, но и оваа во Штип – рече Мицкоски.

Максималниот број вработени се очекува да биде повеќе од 600 во период кога инвестицијата ќе го достигне својот максимум.

Сето ова, вели премиерот, ќе помогне дополнително во зголемување на БДП на македонската економија.