Политичкиот аналитичар Стефан Милановски оцени дека СДСМ на партискиот конгрес не понудил јасна визија ниту конкретни решенија за проблемите на граѓаните. Според него, лидерот на партијата, Венко Филипче, повеќе се фокусирал на критики кон ВМРО-ДПМНЕ во делот на надворешната политика, особено околу прашањето со Бугарија, отколку на суштински социјалдемократски политики.

Милановски смета дека од конгресот биле испратени несинхронизирани пораки, а дека во фокусот не биле најавените шест столбови, кои требало да понудат одговори на реалните проблеми на граѓаните.

„Едноставно, во фокус не беа шесте столбови кои евентуално би биле реални одговори и решенија за проблемите на граѓаните. Јавноста нема увид кои се тие шест столбови и кој е бенефитот од нив за државата“, вели Милановски за „Локално“.

Според него, СДСМ нема политички кредибилитет да ја отвора темата со Бугарија, бидејќи токму за време на нивното владеење беа потпишани Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, за кои тој оценува дека ја понижиле Македонија.

Милановски додава дека актуелната Влада има мандат од граѓаните за силен фокус на реформи и за исполнување на копенхашките критериуми како основен вредносен код за членство во Европската Унија.