Во интерес на Битола и сите граѓани на нашта општина, морам да ја информирам јавноста за штетата која доцна синоќа и беше нанесена на Битола, под водство на нестручното и незаконско работење на претседателката на Советот, Габриела Илиевска, ова денеска преку прес-конференција го истакна градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

-Иако после завршувањето на седницата, тенденцијата од некои советници е популистички да се прикаже дека, Советот донесе ребаланс на буџетот со амандмани во интерес на битолчани, морам да Ви укажам дека, тоа е груба лага, манипулација и поигрување со интелигенцијата на граѓаните. Советот изгласа ребаланс на буџетот на кој самиот е предлагач и ја надминува законската рамка за 116.000.000 денари, поради што истиот нема да биде вчитан и одобрен од Министерството за финансии, а со тоа ништо од амандманите кои ги усвоија нема да може да се реализира. Веројатно, знаејќи го тоа, а сакајќи да покажат неспособност на градоначалникот и општинската администрација, не го испочитуваа ниту Законот за финансирање на единиците за локална самоуправа, каде јасно е наведено дека, општината може да го надмине максимално утврдениот износ доколку обезбеди потврда за трансфер на средства од соодветна институција или во случај на промени кои се однесуваат на видот и висината на сопствените приходи на основниот буџет. Иако, од општинската администрација им беше сугерирано дека, законот предвидува, предлагачите на амандманите да укажат на можните извори за обезбедување на средства, советниците од новото мнозинство, не го направија тоа, односно изразија само желби за проекти, без финансиски план и визија за реализација. Токму тоа им го нагласив и утрото, во моето обраќање на седницата на Советот, нудејќи им отворен простор за соработка со акцент дека: за секој предложен амандман треба да дадат предлог кој проект да биде повлечен за сметка на предложениот од нив, но сето тоа да биде во буџетската рамка, вели Коњановски.

Тој додава дека моите обиди да постигнеме разумно и законско решение, со координаторите на советничките групи, не се реализираа.

-Сега, за жал усвоениот фиктивен ребаланс на буџетот кој потенцирам е незаконски, нема да се реализира, а со тоа нема да може да се реализира, ниту она што го предлагав јас, како предлагач на доставениот ребалансот на буџетот до советниците, 20 дена пред седницата, а што вклучуваше: Финансиска поддршка за понатамошно функционирање на професионалните спортски клубови, вклучувајќи и завршување на реконструкцијата на Спортската сала „Боро Чурлевски“ по европски стандарди за претстојната Лига на шампиони, како и поддршка на спортски здруженија и индивидуални спортки иницијативи:

Дополнителни средства за заловување на кучињата скитници
Дополнителни средства за сувенционирање на сите апликанти на јавниот повик за клима уреди
Функционирање на Регионален советодавен центар за жртвите на семејно и родово базирано насилство
Сместување на бездомните лица
Набавка на опрема за јавна хигиена
Реновирање на Копанки
Студентски парк и реквизити за Новиот парк во Нова Битола
Завршување на улицата Драгорска и отпочнување на улици во Долно и Горно Оризари, вели Коњановски.

Додава дека тука морам да нагласам: се согласувам дека во амандманите има доста конструктивни предлози, но тие веќе се предвидени за реализација или се во фаза на подготовка на документација, затоа што никој претходно истата не ја направил.

„Затоа, очекувам разумност и рационалност и ги повикувам предлагачите на амандманите, согласно донесената одлука за формирање на работни тела, час поскоро да застанат и да направат законско усогласување на програмите со подносителите, за да се овозможи функционалност. Ова што досега го изнесов е целата вистина за моменталната состојба во општина Битола, која како резултат на вчерашната седница, уште повеќе ќе се влошува. Вистината е дека општината, во овој момент е закочена со изгласаниот ребаланс на буџетот кој го предложија и усвоија, а со тоа Битола ќе загуби време, проекти, реализација. Во играта на политиканството на поединци, губиме сите битолчани“, заврши тој.