Корејско-американската сопранистка Јуна Ли и пијанистот Кенет Клецјен на 4 декември ќе одржат концерт во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје. Настапот претставува дел од дополнителната концертна понуда на „Охридско лето“, надвор од редовната официјална фестивалска програма.

Концертот е закажан со почеток во 19 часот во просториите на Музејот на македонската борба за самостојност.

Јуна Ли е меѓународно призната оперска уметница, препознатлива по изведбата на улогата на Чо-Чо-Сан во операта „Мадам Батерфлај“ од Џакомо Пучини, улога што ја има одиграно речиси 200 пати на сцена. Музичкото образование го стекнала на Џулијардската школа во Њујорк, а досега настапувала со врвни оперски куќи, меѓу кои се Метрополитен операта и Вашингтонската национална опера. Нејзин сопруг и постојан музички партнер е пијанистот Кенет Клецјен, кој своите студии ги завршил на Конзерваториумот при Колеџот Оберлин и на реномираната Џулијардска школа.

Намерата на организацискиот одбор е одржувањето на вакви музички настани во текот на целата календарска година да прерасне во континуирана традиција, како израз на благодарност кон публиката и верните поддржувачи, но и како отворена можност за средби со еминентни уметници и надвор од летната сезона.

„Со овие концерти сакаме да покажеме дека „Охридско лето“ не живее само во текот на фестивалските денови, туку дека нашата мисија продолжува во текот на целата година. На овој начин ја прошируваме нашата концертна дејност, отвораме можности за нови уметнички соработки и ѝ овозможуваме на публиката да ужива во настапите на еминентни музички имиња, надвор од летниот период. Особено ни е важно оваа иницијатива да прерасне во традиција и „Охридско лето“ да продолжи да биде значаен дел од културниот живот и во текот на годината“, вели директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

Посебна тежина на претстојниот настан му дава застапеноста на музички дела од американски композиторки, кои за првпат ќе бидат премиерно изведени пред публиката во Македонија. Преку вклучувањето на нивното творештво во програмата, фестивалот ја нагласува важноста на родовата инклузивност во класичната уметност, создава простор за видливост на авторките и ја збогатува сцената со разновидни современи музички изрази.

„Особено ни е важно што со овој концерт пред македонската публика премиерно претставуваме и дела од американски композиторки, како определба да ја истакнеме родовата инклузивност во класичната музика. Со тоа сакаме да ја збогатиме понудата за публиката и да поттикнеме интерес за творештвото на авторки чии дела заслужуваат да бидат почесто присутни на концертните сцени“, вели Цуцковски.

Концертната година во организација на „Охридско лето“ ќе биде заокружена на 7 декември во Охрид со предновогодишен концерт како музички подарок за градот. На сцената ќе настапат бугарската сопранистка Илина Михајлова и италијанскиот пијанист и композитор Франческо Барбагелата.