Министерите ја нагласија важноста од целосна координација и стратешка поврзаност
Актуелните инфраструктурни проекти долж Коридорот 8, предизвиците при нивната реализација и потребата од засилено политичко внимание беа во фокусот на министерскиот состанок „Коридор 8 во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“ во Тирана.
На состанокот учествуваше министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали. Присуствуваа и министрите од Италија, Бугарија и Романија.
Стратегиска важност и прекугранична имплементација
Министрите заклучија дека Коридор 8 треба да функционира како еден прекуграничен систем, а не како серија одвоени национални проекти кои запираат на државните граници. Беше истакнато дека коридорот е стратешка врска меѓу Јадранското и Црното Море и дека во актуелниот геополитички контекст поврзаноста претставува елемент на отпорност и сила.
Муцунски нагласи дека целосното вклучување на сите клучни актери е од суштинско значење, со посебен акцент на улогата на Италија и Романија во поддршка на регионалната економија и поврзаноста на коридорот.
Националните обврски на државата се нагласени како централни за реализација на проектот. Потпишувањето на договорот со Бугарија за прекуграничниот железнички тунел во ноември 2025 година беше оценето како значаен исчекор.
Првата железничка делница на источниот сегмент е завршена, втората се гради, а работите напредуваат и на третата. Во патниот сегмент, целта е целосна автопатска и експресна поврзаност од Ќафасан до Деве Баир до 2029 година.
Енергетска и финансиска димензија на Коридор 8
Дополнително, беше истакната енергетската димензија на коридорот и потребата од усогласување на процедурите, граничното управување и олеснувањето на трговијата. Посебен акцент беше ставен на користење европски финансиски инструменти, вклучително и програмата „Connecting Europe Facility“, за забрзување на имплементацијата и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите.
Соговорниците се согласиле дека наредниот период треба да се фокусира на финансиски одржливи проекти, координирана прекугранична имплементација и одржување на еднаков интензитет на работа долж целата траса на Коридор 8.
