Косовската полиција потврди дека покренала истрага за графитите што се појавија ден претходно во северниот дел на Косовска Митровица, претежно населен со Срби.

Случајот е класифициран како „предизвикување омраза и нетрпеливост“, објави порталот КоССев.

Графитите „Не грижи се, ние сме тука“, „Северна бригада“, „Не грижи се, те чекаме“ се појавија на улиците на Косовска Митровица во пресрет на вчерашните разговори меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти во Брисел, а по разговорите на Вучиќ со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

На заедничката прес-конференција со шефот на НАТО, Вучиќ рече дека на северот на Косово има нова генерација деца кои нема да трпат терор, но дека тоа нема никаква врска со него или со Јенс Столтенберг.

Во одвоени разговори на Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти вчера во Брисел, Столтенберг ги повика двете страни да покажат воздржаност, да избегнуваат насилство и да ги решат несогласувањата преку политички разговори организирани од Европската унија.

Столтенберг разговараше со Вучиќ и Курти пред нивната средба со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак и решавањето на спорот што избувна на крајот на јули поради регистарските таблички и документите за идентификација, што доведе до подигање барикади на граничните премини на северот на Косово.

Високиот претставник за надворешни работи на Унијата изјави дека по вчерашната средба не е постигнат договор и дека темата е одговорност на двајцата лидери.

Борел им нагласил на Вучиќ и Курти дека станува збор за управување со кризни ситуации, тврдејќи дека и двајцата разбрале дека нема алтернатива за дијалогот.

Таа средбата, оцени Борел, „не е крајот на приказната“, тој најави дека разговорите ќе продолжат и во наредните денови. Вучиќ доцна синоќа од Брисел изјави дека бил „тежок ден“, нагласувајќи дека во следните 48 часа ќе се воздржи од коментари и ќе ѝ се обрати на јавноста.

„Не можам да кажам дека е успешно завршено, но се воздржувам од други коментари бидејќи се надевам дека е можно по некое чудо да дојдеме до компромисно решение“, рече Вучиќ.