Таа рече дека е убедена во победата и во вториот круг бидејќи нејзината кампања има различен настап со која покажале дека граѓаните и нивните потреби се во фокусот на нивното внимание.

„Општина Центар не припаѓа само на своите жители, на центарци, туку е центар на градот Скопје и центар на државата. Нашата визија за Центар е секогаш да биде функционална, модерна и современа општина како што ѝ доликува. Ова го велам затоа што сум сериозна во намерата да ја елиминираме онаа култура која не покажува современо и модерно однесување, ние сериозно мислиме да ги менуваме нештата и во доменот на урбаното градење, во екологијата да воспоставиме принципи, мерила и мерки, за здрава средина и здрав живот, ни треба културен живот кој во нашата програма го имаме и во која се опфатени и пензионерите и младите“, рече Котлар.

Кандидатката им порача на младите, студентите и средношколците дека од нив ќе бара активен ангажман во креирањето на подобра општина Центар.

„Предвидуваме добар дел од најдобрите ученици од средното, основното и студентите да ги стимулираме со стипендии. Во овој момент сакам да кажам и дека посветивме внимание на оние луѓе кои се со определена попреченост или инвалидитет – и за нив имаме сериозна намера да ги вклучиме во работата, односно во активностите на општината“, рече Котлар.