„Прво, за да има предвремени избори треба да се исполнат одредени предуслови, а тоа е да има политичка криза во државата, каква што ние немаме, или процесите во Собранието или во владата да бидат блокирани, коишто исто така не се блокирани”, изјави Димитар Ковачевски, пратеник и поранешен премиер во гостување во Тема на денот на Сител телевизија.

Во однос на темата за одржување на предвремени парламентарни избори, според Ковачевски, не постојат ниту политички, ниту процедурални причини зошто би се одржале.

„Легитимно е секоја опозиција, ДУИ на пример, да сака да предизвика предвремени избори и да, на тој начин, практично да дојде на власт, тоа е практично целта на секоја опозиција. Меѓутоа, во моментов јас не гледам ниту политички, ниту би рекол процедурални причини зошто би имале предвремени избори. Тоа е првата работа“, рече Ковачевски и додаде:

„Втора работа е што оваа Влада има навистина големо парламентарно мнозинство, скоро 2/3 мнозинство со коешто може да одлучува многу лесно по сите прашања и на тој начин да ги води процесите во државата. И крајно, сметам дека граѓаните не живеат од датуми за избори, туку тие живеат од висината на платата која што ја примаат, од висината на цените, висината на надоместоците, комуналните услуги коишто ги добиваат, нивото на образование, здравствени услуги итн. И треба да се остави оваа влада, уште година и пол, колку останува, практично од мандатот, да се види што ќе се реализира“.

Во однос на партискиот став на опозициската СДСМ дека нема да бидат алиби за одржување на предвремени парламентарни избори, Ковачевски истакна:

„СДСМ мора да биде да биде подготвен за избори во секое време, меѓутоа СДСМ и нема потреба да дава причина, да предизвикува предвремени избори во услови кога владата има апсолутно мнозинство”, заврши Ковачевски.

Извор: Курир