Премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање да ја искоментира изјавата на лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов дека е за предвремени избори во април или мај догодина, повтори дека изборите ќе се одржат во редовниот термин во 2024 и дека приоритет треба да се даде на справување со економската и енергетската криза.

-Повеќепати имам кажано дека изборите ќе бидат во редовниот термин во 2024 година. Во овој момент државата е исправена пред огромна економска и енергетска криза, меѓутоа пред нас е и процесот на скрининг со ЕУ така што сите ресурси на државата и сите капацитети, во Собранието, во Владата, меѓутоа и надвор од нив, академијата, невладините организации, сите треба да бидеме фокусирани и да ја насочиме енергијата кон што побрзо завршување на скрининг фазата и кон што подобро справување со енергетската и економската криза во интерес на граѓаните. Така што во овој момент избори не се приоритет, рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски денеска престојуваше во посета на Општина Делчево, при што заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини се обратија на настанот по повод почетокот на изградба на пречистителна станица во Делчево. Ковачевски ќе ја посети и фабриката за преработка на дрво Алпин.ком, по што ќе направи увид на проектот за реконструкција на водоводната мрежа во населбата Ново Делчево.