Премиерот Димитар Ковачевски денеска пред учесниците на Самитот на ЕУ и Западен Балкан во Тирана порача дека Северна Македонија продолжува посветено да работи на скрининг процесот и оти очекува наскоро да ги направи уставните измени со кои, како што вели, уште еднаш ќе покаже највисок степен на демократија и почитување на основните човекови права.
Премиерот Ковачевски истакна дека мирот и стабилноста на Балканот се предуслов за мир и стабилност на цела Европа и порача дека сите заеднички цел регион треба да се залага да се постигне оваа цел.
-Работејќи заедно на оваа важна цел, земјите од Западен Балкан, како земји од доверба на ЕУ обезбедуваат сигурна иднина како за граѓаните, така и за развој на економиите и просперитет во државите. Република Северна Македонија и Република Албанија ги започнаа преговорите со ЕУ за полноправно членство на ЕУ и продолжуваат посветено да работат на скрининг процесот со сите свои капацитети. Исто така Република Северна Македонија очекува наскоро да ги направи уставните измени со кои уште еднаш ќе покаже највисок степен на демократија и почитување на основните човекови права, рече Ковачевски, пренесе владината прес-служба.
Како што посочуваат од Владата, зелената агенда која ја спроведува Република Северна Македонија е нејзин важен двигател во контекст на енергетската криза во која се наоѓаме. Само во изминативе неколку месеци во Северна Македонија започна со работа најголемата досега фотоволтаична електрана, која произведува струја од домашни ресурси, од македонското сонце, а ги задоволува потребите на многу домаќинства. Од една страна, поедноставените процедури за поставување фотоволтаици овозможуваат посеопфатна и поширока нивна примена, додека пак сериозниот пристап кон инвестиции во областа на енергетиката со посебен фокус на обновливите извори на енергија од друга страна, овозможува интензивирање на енергетската трансформација на земјата, но и на регионот.
На Самитот Ковачевски нагласи и дека Северна Македонија е првата земја во регионот на Западен Балкан која усвои Стратегија за развој на енергетскиот сектор заснована на столбовите на Зелениот договор на ЕУ. Република Северна Македонија е и првата земја која спроведува проект за замена на стара термоцентрала на јаглен во „Осломеј“ во Кичево со фотонапонска централа, како конкретен чекор кон енергетската транзиција на Северна Македонија, покажувајќи силна иницијатива за декарбонизација на нашиот енергетски сектор. Ќе го спомнам и нашиот најзначаен проект за енергетска транзиција, во фаза на евалуација е изградбата на пумпно складиште хидроцентрала Чебрен, Црна Река, вредна над 800 милиони евра.
Ковачевски, меѓу останатото, порача и дека е потребна голема поддршка преку достапни грантови и поволни заеми за новите проекти и да се работи на ефективни планови за праведна транзиција со достапни најдобри практики.
Ковачевски ја предводи владината делегација во Тирана, во чиј состав се и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.