Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција во Виена каде е во работна посета, ги потенцираше заложбите на Австрија во евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија. Ковачевски ја истакна поддршката на земјата и секторската соработка на повеќе нивоа.
Потенцираше дека меѓу Македонија и Австрија не постојат отворени билатерални прашања, а фокусот на двете земји е во јакнењето на соработката во сите области. Премиерот истакна дека Австрија е најголемиот странски инвеститор во Северна Македонија, со инвестиции од над 900 милиони евра до 2022 година. Околу 50 австриски компании се присутни на пазарот во Северна Македонија во повеќе области.
Во продолжение интегрално ви ја пренесуваме изјавата на претседателот на Владата:
„Со канцеларот Нехамер имавме многу продуктивна и содржајна средба, разговараме искрено и уште еднаш констатиравме дека Македонија и Австрија одржуваат пријателски односи, одличен политички дијалог и развиена економска соработка.
Ја потврдивме и взаемната заложба за унапредување и јакнење на соработката во сите области кои се од заеднички интерес за нашите две земји. Како држави имаме и широка секторска соработка, без никакви отворени прашања помеѓу нас. Австрија е наш долгогодишен партнер во ОН и ОБСЕ, но пред сè, Австрија е силен и гласен поддржувач, партнер и застапник за европската интеграција на Северна Македонија, и на земјите од Западниот Балкан.
Денешната средба е уште една во низата разговори од нашиот активен политички дијалог во текот на минатата и оваа година. Пред само неколку недели, во Скопје имав чест да остварам средба и со претседателот на Австрија Ван дер Белен, за време на неговата официјална посета на Северна Македонија.
Дозволете и јавно да го повторам она што му го кажав на канцеларот на средбата која што ја имавме пред малку, а тоа е дека Австрија ужива голем углед во Македонија, не само поради нејзиното длабоко разбирање за нашиот регион или нејзината цврста поддршка на нашиот пат кон ЕУ, туку и поради нејзиното силно и континуирано економско присуство во нашата земја.
Австрија е најголемиот странски инвеститор во Северна Македонија, со инвестиции од над 900 милиони евра до 2022 година. Околу 50 австриски компании се присутни на пазарот во Северна Македонија во повеќе значајни и клучни области за државата. Постои потенцијал за подобрување на нашата меѓусебна трговска размена, посебно преку зголемување на македонскиот извоз во Австрија, и тука пред сè мислам на земјоделските производи кои имаат додадена вредност, органско потекло и квалитет, и на тоа ќе работиме во претстојниот период.
Исклучително ја цениме помошта на Австрија во справување со бегалската и мигрантската криза на нашата јужна граница. Миграцијата е заеднички предизвик за сите европски земји, а Северна Македонија континуирано ги презема сите потребни безбедносни мерки за справување со овие предизвици, вклучувајќи и како земја членка на НАТО и како земја која што преговара со ЕУ, и како земја претседавач со ОБСЕ. Од голема важност е помошта која нашата полиција ја доби од Австрија, особено за возилата и опремата за ноќната гранична заштита.
Затоа сакам и јавно да изразам благодарност за поддршката од страна на Владата на Австрија но и лично до австриските полицајци во процесот на поуспешен надзор и контрола на илегалните обиди за премини на границата помеѓу Северна Македонија и Грција играа многу важна улога. Во периодот јануари – март оваа година, спречени се околу две илјади обиди за илегални преминувања за влез во Северна Македонија. Соработката продолжува и понатаму преку механизмот ФРОНТЕКС за кој минатата година, веднаш по отворањето на преговорите со ЕУ и по започнувањето на скринингот, потпишавме договор, а денес почна и практичната имплементација на договорот ФРОНТЕКС во нашата држава што беше обележано со свеченост во Скопје. Овој договор, е навистина значаен за нас, и од друг аспект, бидејќи истиот е потпишан на македонски јазик, без какви било додавки и фусноти, потврдувајќи ги нашите заложби за заштита и промоција на македонскиот идентитет во што секако дека значајна улога играше, игра и ќе игра Австрија како пријател на нашата држава.
Морам да нагласам дека поддршката од Австрија во овој клучен временски период за нас беше и сеуште е од голема важност. Му благодарам на канцеларот што неговата лична поддршка ќе продолжи и понатаму.
Тука би сакал да спомнам и да се заблагодарам на канцеларот и за дроновите кои ќе ги користиме во рамки на ФРОНТЕКС за кои разговаравме тука денес и тие ќе се од голема помош за нас и уште една потврда за нашето пријателство и за нашата соработка преку реални проекти и преку реална материјална и кадровска помош во знаење која што ја добиваме од Австрија.
Со Канцеларот денеска разговаравме за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Ја изразив нашата благодарност до Австрија, која е силен и отворен поддржувач за пристапниот пат на Северна Македонија, но и воопшто за перспективата за членство во ЕУ на целиот Западен Балкан. По бројните предизвици на патот за полноправно членство во ЕУ, минатата година, со активна поддршка на Австрија, со активна поддршка на канцеларот, со активна поддршка на неговите министри ги започнавме преговорите за пристапување во ЕУ. Пред нас се следни чекори кои ќе ја одредат натамошната насока и брзина на движење на тој пат. На тој пат чекориме заедно и соработуваме со земјите членки на ЕУ, а меѓу нив, во првите редови е Австрија.
Сакам уште еднаш и од Виена, да ве уверам дека Владата на Северна Македонија ќе продолжи да работи на исполнување на нашите стратешки цели, ќе продолжи да работи во подобрување во односите со соседите во добрососедската политика, ќе продолжи да работи на реформската агенда внатре во земјата бидејќи тоа е во интерес на државата, но секако тоа е најмногу во интерес на граѓаните кои сакаат и мора да станат дел од ЕУ.