Конференцијата ја организира Управата за финансиско разузнавање во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите на Управата за финансиско разузнавање во Северна Македонија“ финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје и имплементиран од страна на Асоцијацијата за унапредување на демократијата – Демокраси Лаб.
Ковачевски оцени дека заедничкото напредување на регионот е од особена важност за недостатоците во меѓународната соработка да не бидат злоупотребени од страна на криминалците како предност при реализирање на нивните криминални цели и интереси, а дека ваквите конференции се важни на кои можат да се разменат добри пракси и искуства, да се споделат проблеми со кои се соочуваат, со цел заеднички да можат да одговорат на новите форми што ги користат овие криминални групи користејќи ги новите технологии.
-Борбата против организираниот криминал, вклучувајќи го перењето пари како еден од најсофистицираните облици е од врвен приоритет на Владата и надлежните органи. Република Северна Македонија го гради системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам преку имплементирањето на меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање на тероризам и презема голем број иницијативи за нивно што побрзо и поефикасно имплементирање. Како позначајни активности коишто се спроведени и кои во моментот се спроведуваат се активностите за проценка на ризиците поврзани со виртуелните средства попознати во јавноста како криптовалути и анализите за пристапот кон нивната регулација како и Извештајот за проценка на ризикот од финансирање тероризам преку непрофитните организации во кој широкоинкузивен процес учествуваа огромен број претставници од самиот сектор, истакна заменик-министерот.
Потенцирајќи дека перењето пари и финансирањето тероризам предизвикуваат сериозни економски и социјални последици рече дека од голема важност е превенцијата.
-Во алката на превенција е значаен секој чинител, односно целокупниот финансиски сектор, додека пак неопходна е и поддршката од страна на непрофитниот сектор. Имајќи предвид дека управите за финансиско разузнавање се особено значајни во системите на откривањето на нелегалните
финансиски текови и имајќи ја предвид можноста за брза и ефикасна размена на разузнавачки податоци преку ЕГМОНТ заедницата од особено значење е нивно континуирано развивање како и зајакнување на нивните капацитети од секој поглед, истакна Ковачевски.
Напомена дека е важно оти благодарение на системските напори и активности Република Северна Македонија е помеѓу 15-те земји со најмал ризик од перење пари и финансирање тероризам според т.н „АМЛ индекс“ кој се објавува од страна на реномираниот „Basel Institute on Governance“ кој е особено веродостоен на полето на истражувањата поврзани со перење пари и финансирање на тероризам.
На Конференцијата се обрати и вицепремиерот за борба против корупција и криминал Љупчо Николовски и директорот на Управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов, а учествуваат претставници од единиците за финансиско разузнавање, на банкарскиот и невладиниот сектор од земјава, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.