Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во синоќешното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш” која се емитува на Алфа телевизија говореше за францускиот предлог и рече дека тој предлог не требало да се најде на маса, а се нашол на маса затоа што неколку месеци претходно некој тајно го преговарал.
– Во тие преговори, тој што го преговарал практично се согласил со овој текст и сега наеднаш ние текстот го гледаме на маса, а тој што се согласил се прави дека не е од овде, дека нема очи, нема уши, нема ништо и вели јас ништо не сум добил. Ова е сериозен самит прво на Европската унија, таму треба да добијат кандидатски статус Украина, каде што дневно гинат по стотици и илјадници луѓе, која има илјадници километри граници која што има војна секојдневно, жалам за тоа што се случува, но исто жалам и за овие дома кај нас кои што 22 години чекаат и едно чудо генерации талкаат по Европа чекајќи европска иднина, се разочараа. Таа Украина, заедно со Молдавија кае што исто така имате релативно тензична ситуација, потоа ја имате Грузија и сега тие наеднаш треба да добијат кандидатски статус. Ова е сериозен историски геостратешки самит, ова не е било каков економски самит па сега ќе зборуваме за политиките или слично, имаме политичка тежина на овој самит и на нив им е потребен чекор и на Балканот, да почнат Македонија и Албанија преговори и сега, како ќе почне Македонија преговори ако видат дека во Бугарија не попуштаат бидејќи од таму таква е состојбата, притисокот ќе го направиме таму каде послабо,односно Македонија затоа што имаме министер кој што не го интересира состојбата за моето чувство, за вашето чувство – рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека во тој вкрстен оган, ако утре помине во комисијата за надворешни работи во Бугарија а најверојатно ќе помине, ние тоа ќе го имаме на маса, односно Ковачевски ќе го има и тоа е она кое што е конечната позиција.
– Живееме во време кога политичар лекомисленик го ништи македонскиот идентитет и тоа треба на сите секој еден да му е јасно и тоа име треба да остане запишано за век и векови и за генерации! И ова не го зборувам на памет – потенцираше Мицкоски.