Македонија инвестира во својата безбедност, модернизација и стабилност. Во Собранието е Предлог-буџетот за 2026-та, фокусиран на развој, но и на безбедност гарантирана од државните институции. Со задоволство би сакал да соопштам дека воената академија ќе добие за 419% поголем буџет. Ова се средства насочени кон зголемена професионализација на Македонската армија, насочени кон подобри услови и поквалитетно образование за нашите офицери, а со тоа и зголемена безбедност за нашата држава, истакна на денешната прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Тој посочи дека во оваа насока е и ставката „стручно оспособување во земјата и странство“, што ќе направи да зачекориме рамо до рамо со нашите НАТО сојузници, а со тоа и да се зацврсти нашата меѓународна позиција.
-Посветеноста кон одбраната и модернизацијата на армијата се покажува и преку Буџетот за Министерството за одбрана, кој од следната година е зголемен за 8,4%, односно од 20,4 на над 22 милијарди денари. Овде, исклучиво во делот на модернизација се предлага буџетско зголемување од дури 38.1% односно цели 406 милиони денари повеќе. Дополнително, за опрема и механизација за македонската одбрана, предвидено е зголемување на средствата за 15,7%, односно 844 милиони денари, вели пратеникот.
Ковачки посочува дека ова се конкретни бројки што покажуваат дека македонската одбрана се движи напред, со јасна стратегија и јасни цели.
-Во време на глобални безбедносни ризици, за стабилна економија мора да имаме и стабилна одбрана.
Со овој буџет:
– Ја зајакнуваме нашата улога како доверлив сојузник во НАТО.
– Создаваме услови за нови вработувања, обука, техничко и технолошко унапредување.
– Градиме армија што ги следи стандардите на најсилните демократии.
– Ги штитиме нашите граѓани, инфраструктура и територија, дополнува Ковачки.
