Ковачки порача дека Владата инвестирала над милион евра за инфраструктура во Македонска Каменица за една година

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, вчера се обрати од населеното место Мошница, во општина Македонска Каменица.

„Добро вечер од преубавата Мошница, од општина Македонска Каменица, мала Швајцарија на истокот“, рече тој.

Ковачки нагласи дека присуството на терен е со цел да се испрати јасна порака. Според него, мора да има континуитет на започнатите промени.

„Денеска сме тука со единствена цел. Да упатиме порака дека е потребно да има континуитет на промените коишто ги започнавме во 2021 година на локално ниво“, изјави тој.

Пратеникот посочи дека разговарале со жителите за нивните приоритети.

„Она што можам да го кажам е дека заедно со граѓаните, односно жителите на овие населени места, разговаравме за приоритетите и предизвиците со кои се соочуваат, за да знаеме што да ставиме во програмата на идниот градоначалник и Совет за општина Македонска Каменица“, рече Ковачки.

Во изјавата беше потенцирано и вложувањето во инфраструктура во Македонска Каменица.

„Владата на Република Македонија, знаете сите дека продолжува со поддршка на нашите македонски општини“, додаде тој.

Според него, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски инвестирала над еден милион евра во Каменица.

„Македонска Каменица во минатата година, само од моментот на доаѓање на нашата Влада на власт, на ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Христијан Мицкоски, има инвестирање над милион евра“, посочи Ковачки.

„И тие пари ќе бидат потрошени за инфраструктурни проекти, комунални проекти, проекти во патната инфраструктура, се што е потребно за жителите на овие краишта“, додаде тој.