Бретон истакна дека европскиот здравствен сертификат ќе им биде достапен на граѓаните од 15 јуни, но додаде дека нема да биде задолжителен.

-Знаеме како ќе изгледа идниот здравствен сертификат, што ќе биде достапен од 15 јуни. Тоа ќе биде документ со информации за вакцинација и развиени антитела против ковид-19“, истакна Бретон.

Тој додаде дека сертификатот ќе биде достапен во дигитална или хартиена верзија, а ќе биде издаван од министерствата за здравство на земјите-членки на Европска унија.

Ковид-пасошот ќе содржи основни информации за лицето, како државјанство, видот на примена вакцина, развиени антитела, но и дали лицето било носител на вирусот.

Бретон наведе дека иако сертификатот нема да биде задолжителен, тој сепак ќе биде добра препорака за авионските патувања или учество на важни настани. Во отсуство на таков документ, неопходен ќе биде негативен ПЦР-тест.

Бретон наведе и дека забрзувањето на испораката на вакцини ќе ѝ овозможи на Европа да го види „светлото на крајот од тунелот”.

-Сега имаме 52 фабрики во Европа кои работат 24 часа на ден, седум дена во неделата за производство на вакцини против ковид-19, посочи Бретон.

Тој додаде дека Европа има капацитет да ги произведе и да испорача 360 милиони дози вакцини до крајот на вториот квартал и 420 милиони дози потребни за постигнување колективен имунитет до средината на јули.