Селекторот на македонскиот национален тим, Гоце Седлоски, официјално ја најави претстојната средба против Шкотска. Противникот претходно славеше на првиот меѓусебен дуел одигран во Скопје.
Седлоски нагласи дека очекува позитивен исход и прекин на серијата неповолни резултати на сениорската репрезентација во актуелното натпреварување организирано под закрила на УЕФА.
„Следниот меч е голем меч, со една силна Шкотска. Знаеме со какви играчи располага. Игравме пред месец дена со овој ривал во Скопје, успеа да не победи. Свесни сме за грешките и мора да ги поправиме“, изјави Седлоски.
Кормиларот на репрезентацијата додаде дека тимот минал низ интензивен тридневен тренажен процес каде што владее одлична атмосфера меѓу фудбалерите.
„Во изминатите три дена трениравме, имаме супер-атмосфера. Играчите се фокусирани и мотивирани. Се надевам дека она кое го работевме, ќе го одработат на теренот. Сакам да видам верба во себе, тактички добро да стоиме и да одиграме натпревар. Резултатите се такви какви што се, свесни сме и ние и играчите, но се надевам дека ќе излеземе од негативната серија од мечот со Шкотска“, додаде селекторот.
Тој ги предупреди своите избраници на силата на противничкиот табор, кој доби дополнително засилување во составот.
„Против себе ќе имаме силен ривал кој го доби Мектоминеј како повратник. Мора да играме храбро, да уживаат, да не се плашиме. Драго ми е што сите репрезентативци добиваат минутажа во клубовите, се надевам дека ќе продолжат и понатаму така“, порача Седлоски.
