Европската Унија прави сериозна стратешка грешка со предложените кратења на својот иден буџет, предупреди синоќа францускиот шеф на државата на самитот во Брисел.

„Ќе се соочиме со пад на европските јавни инвестиции во споредба со Кина и САД“, нагласи Макрон.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претстави нов предлог за долгорочниот буџет на Европската Унија за периодот од 2028 до 2034 година, со кој е предвидено намалување од 204 милијарди евра, односно за околу 10 проценти во споредба со првичниот предлог доставен од страна на Европската комисија.

Новиот финансиски план предвидува воведување нови извори на буџетски приходи, вклучувајќи данок на големите дигитални компании, со цел да се обезбеди непречено финансирање на клучните приоритети на Унијата, додека националните придонеси на земјите членки да се задржат на финансиски прифатливо ниво.