Секторот за внатрешни работи – Штип поднесе кривична пријава против тројца лица, меѓу нив и поранешен градоначалник на Лозово. Пријавата е поради основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, информира Министерството за внатрешни работи.
Пријавени се:
– А.В. (48) од Лозово, во својство на поранешен градоначалник,
– Т.Г. (51) од Скопје, назначен како управител на градбата,
– Л.Л. (68) од Скопје, кој бил ангажиран како надзорен орган на проектот.
Случајот датира од 1 ноември 2018 година, кога тогашниот градоначалник А.В. донел одлука за јавна набавка за изградба на пешачка патека на улицата „Октомвриска револуција“ во Лозово. Најповолна понуда дало правно лице од село Студеничани, кое го назначило Т.Г. како управител на градбата.
По завршувањето на градежните работи во март 2019 година, во градежната книга и дневник биле внесени невистинити податоци, со тврдење дека се поставени 381 метар квадратен бекатон плочки, во вредност од 205.800 денари.
Овие документи биле потпишани од Т.Г. и Л.Л., иако, според МВР, реалната изведба била во помал обем.
Истрагата на МВР покажала дека А.В. бил свесен дека исплатата не одговара на реално изведените работи, но сепак одобрил трансфер на целосниот износ. Со тоа, директно го оштетил буџетот на општина Лозово за 205.800 денари, се наведува во пријавата.
Извор: Skopje1