Куќите во селата Лознани и Новоселани повеќе не се загрозени, откако пожарникарите, екипите на Дирекцијата за заштита и спасување и доброволци водеа тешка битка со огнената стихија.

Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, заедно со командирот на битолските пожарникари Христијан Тодоровски, информираа дека опасноста за домовите е надмината, но пожарот и натаму е активен на друг фронт.

Огнот во моментов се движи кон Лопатица, Мусинци, Кутуруз и Црничани, по што службите продолжуваат со интервенциите на терен.

Особено тешка била состојбата во Лознани и Новоселани, каде огнот се приближил до куќи, но со брзата интервенција на пожарникарите било спречено негово натамошно ширење кон домовите.

„Се сомневаме дека пожарите биле подметнати бидејќи се движеа од разни страни како намерно за да не може да стигнат службите“, изјави Тодоровски, кој додаде дека пожарникарите биле на терен со часови без одмор.

Во текот на денот биле регистрирани повеќе жаришта во Пелагонискиот Регион, меѓу кои и кај Маково и во месноста Ергела кон Гнеотино.

Надлежните продолжуваат да ја следат состојбата, а активниот пожар кон Лопатица, Мусинци, Кутуруз и Црничани останува под посебно внимание.