Вчерашниот ден бил еден од најтешките во досегашната сезона на пожари, особено поради загрозеноста на населените места, оцени директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Во видеоизјава, Ангелов информираше дека вчера биле регистрирани повеќе од 40 пожари на отворен простор. Во моментов активни се шест, но тие не претставуваат опасност за населените места, ниту, според него, постои ризик да се прошират кон квалитетна шума.
Како најалармантни ги издвои пожарите во селото Богомила во Општина Чашка и во пелагониските села Ивањевци, Лознани и Новоселани.
Во Богомила огнот се приближил до првите куќи, но благодарение на брзата реакција на локалното население и пожарникарите од Велес, пожарот бил локализиран и ставен под контрола.
„Благодарение на храбрата и брза реакција, пред сè на локалното население, беше спречена катастрофа. Бргу пристигнаа и пожарникарите од Велес, кои дадоа голем придонес“, изјави Ангелов.
Најтешка била состојбата во Пелагонија, каде пожарите ги загрозиле Ивањевци, Лознани и Новоселани. Ангелов ја пофали храброста на локалното население, а посебно го издвои младиот тракторист Александар Чепиговски од Ивањевци, кој со трактор орал директно низ огнената линија и помогнал во гасењето на пожарот.
Во пожарите било повредено и едно лице, кое поради изгореници на дланките било пренесено во болница.
Ангелов раскажа дека во доцните попладневни часови пристигнал во Лознани, каде што огнот бил на околу 50 метри од куќите и се движел низ високата сува трева кон селото. На терен биле ангажирани четири возила „пинцгауер“ на ДЗС, пожарникари од Битола, како и 20 припадници на Доброволното противпожарно друштво „Архангел“ од Битола.
Според Ангелов, особено голем придонес во справувањето со пожарот дало локалното население.
За трактористот Александар Чепиговски, кого го нарече Аце, Ангелов рече дека направил херојски потег со тоа што со својот трактор поминувал директно низ пожарната линија и гасел делови од огнот кои го загрозувале селото.
„Битката беше многу тешка и затоа апелирам до граѓаните да бидат многу внимателни“, порача Ангелов.
Како сериозен го оцени и пожарот кој веќе неколку дена гори на територијата на Македонски Брод. Поради тешкопристапниот и карпест терен, вчера бил ангажиран модул за шумски пожари на ДЗС, составен од 25 доброволци и пет оперативци. Тие успеале да изгаснат значителен дел од пожарната линија, а со активностите продолжиле и утрово.
Во гаснењето на големиот пожар во атарот на селото Студеничани, кој се ширел кон планината, вчера интервенирале и „ер тракторите“. Според Ангелов, пожарот делумно бил ослабен благодарение на интервенцијата на пожарникарите и слабите врнежи, но и натаму останува активен.
Ангелов им се заблагодари на сите ангажирани тимови, пожарникарите, доброволците и локалното население за пожртвуваноста и брзата реакција во справувањето со пожарите.
