И покрај ваквите реакции, до општината не е стигната ниту една поплака по писмен пат, соопштија денеска надлежните од секторот за инспекциски надзор.

– Граѓаните треба да пријават до надлежни инспекции во општина Куманово, има комунални и градежни инспектори, коишто постапуваат по пријавите. Секој оној којшто не поседува уредна документација за поставување на урбана опрема ќе биде дислоциран од таа локација и ќе му биде издадено решение да ги тргне столовите и масичките. Минимално треба да се обезбеди простор за нормална фреквенција на луѓето на јавните прометни површини, изјави градоначалникот, Максим Димитриевски.

Според податоците на секторот за комунални услуги, инфраструктура и сообраќај, од почетокот на годинава до денеска, петнаесет угостителски објекти ги регулирале давачките кон општина Куманово во однос на плаќање на давачките за закуп на просторот пред самите објекти, а 16 се во постапка.

Бобан Бојковски од секторот за инспекциски надзор вели дека службите редовно ги контролираат угостителите.

– Доколку се добие пријава од страна на граѓаните комуналните инспектори (доколку станува збор за поставени маси и столови на јавно прометна површина) излегуваат и утврдуваат дали корисникот на просторот има одобрение за користење или не. Доколку има, се контролира дали масите и столовите се поставени согласно елаборатот кој е составен дел на барањето за користење на простор на јавно-прометна површина. Ако нема, тогаш на сопственикот му се наложува да во определен временски рок ја отстрани урбаната опрема и се поведува инспекциска постапка, изјави Бојковски.

Лани, општината ги ослободи угостителите и другите правни субјекти за плаќање на надоместокот за времено користење на градежно неизградено земјиште согласно програмата за уредување на градежно земјиште на подрачје на Куманово, како дел од мерките за поддршка за надминување на последиците од корона-кризата.