Курти на својот Фејсбук напиша дека условите кои ги поставил српскиот претседател Александар Вучиќ за решавање на кризата по одлуката на Владата во Приштина за воведување времени регистерски таблички за возилата, се одбиени, по што Белград, како што вели, „ќе се навикнува на реципроцитет“.

– Минатата недела претседателот на Србија постави четири услови за средба во Брисел на нашите претставници. Нормално дека тие не му се исполнија и вчера се одржаа разговори во Брисел. Сега почнува епохата во која Србија ќе се навикнува на реципроцитет“, порача Косовскиот премиер.

Тој појасни дека, според договорот постигнат денеска во Брисел меѓу специјалните претставници на Приштина и Белград, со посредство на Европската унија, на возилата кои влегуваат од едната во другата држава ќе им бидат покривани табличките со соодветните државни симболи.

– Реципроцитетот на регистерските таблички е воспоставен. Бидејќи на табличките на Република Косово во Србија ќе им се покрива државниот симбол, и на сите таблички од Србија, без исклучок, ќе им се покрива нивниот симбол на територијата на нашата држава, напиша Курти.

Во врска со специјалните полициски единици кои беа распоредени на граничните премини со Србија, Јариње и Брњак, по воведувањето на реципроцитетот со табличките, Курти информира дека тие ќе се повлечат по укинувањето на блокадите од косовските Срби.

– Специјалната единица на Полицијата на Косово замина во Јариње и Брњак на 20 септември за да ги брани премините и пограничната полиција од тие кои ги блокираа патиштата и слободниот проток. Со оглед дека тие ќе се оддалечат, нашата специјална единица нема зошто да остане таму, а ќе биде секогаш спремна за интервенција при секое такво или слично загрозување во иднина. Нормално, нашата погранична полиција и натаму ќе го спроведува реципроцитетот со табличките. КФОР ќе бие таму, околу две недели, за сé да биде безбедно, порача Курти.