Македонската фудбалска репрезентација до 17 години на чело со селекторот Иљами Исејни ќе биде дел од квалификацискиот турнир којшто ќе се одржи во Трабзон, Турција, во периодот од 11 до 17 ноември.

Македонија се наоѓа во натпреварувачка група заедно со домаќинот Турција, Сан Марино и соодветната селекција на Унгарија.

По тој повод денеска, селекторот Исејни го објави и официјалниот список на репрезентативци на кои ќе смета за претстојните натпревари на турнирот.

На голманската позиција се повикани Илан Мемети (Лозана), Димитар Петров (АП Брера) и Петар Талески (Шкендија).

Во одбранбениот ред се најдоа Матеја Масев (Црвена Звезда), Амар Акики (Шкендија), Леарт Исеини (Бохум), Михајло Павлов (Железничар Панчево), Филип Ѓорѓиоски (Вардар), Адријан Велески (Вардар) и Илија Аксентиев (Македонија ЃП).

Во средниот ред конкурираат Марин Крстевски (Црвена Звезда), Александар Полимац (ИМТ), Дардан Адеми (Аресими 1973), Матеј Бочески (АП Брера), Боби Недановски (Пелистер), Огнен Сивевски (Македонија ЃП), Матеј Николов (Вардар), Џихан Ибраими (Вардар) и Благојче Седлоски (Скопје).

Во нападот за репрезентацијата ќе настапат Стефан Ристиќ (Партизан) и Рон Мемеди (Беласица).

Распоредот предвидува на 11 ноември Македонија да ги одмери силите против Унгарија од 10:00 часот, на 14 ноември да се соочи со Сан Марино во 10:00 часот, а на 17 ноември да игра против домаќинот Турција од 12:00 часот.

Собирот на младите репрезентативци е закажан за 8 ноември во 10:00 часот во хотел „Парк“ во Скопје, додека истиот ден, со почеток во 14:00 часот, е предвиден и првиот тренинг во тренинг-центарот на ФФМ.

Според утврдениот квалификациски формат на УЕФА за Европското првенство до 17 години, двете првопласирани репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во втората квалификациска рунда – Лига А. Останатите две селекции, односно третопласираната и четвртопласираната репрезентација, ќе продолжат во Лига Б.

Во втората квалификациска рунда, која ќе се игра во текот на пролетта 2027 година, вкупно 28-те репрезентации во Лига А ќе бидат поделени во седум квалификациски групи.

Победниците на овие групи ќе обезбедат директен пласман на завршниот турнир на Европското првенство, каде што ќе им се приклучат домаќините од Летонија. Завршниот турнир на УЕФА Европското првенство за фудбалери до 17 години е предвиден за периодот од 24 мај до 6 јуни 2027 година.