Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак изјави дека прифаќањето на европскиот предлог преставува позитивна порака. Како што рече, сега е потребно да се фокусираме на имплементацијата на анексот, што ќе биде главна тема на претстојната средба во Охрид, јави дописникот на МИА од Белград.
За да се имплементира договорот, сега треба да се одреди редоследот на следните чекори, како и роковите и кој што треба да направи, рече Лајчак на онлајн-конференцијата Европа и Русија на Балканскиот фронт, организирана од Италијанскиот институт за Меѓународни политички студии (ISPI).
-Откако е прифатен договорот, ние сме фокусирани на имплементација на анексот, кој е клучен елемент, посочи тој.
Лајчак посочи и дека целта на неговата последна посета на Приштина и Белград била да ги слушне мислењата на двете страни за споменатиот анекс и дека врз основа на она што го слушнал, до средбата меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти, во саботата во Охрид ќе се подготви „нова консолидирана верзија на анексот врз основа на оригиналниот текст“.
-Тоа треба да биде основа на нашите разговори во Охрид и ако успееме да постигнеме договор за овој анекс, тогаш работата е завршена, рече Лајчак.
Тој оцени дека последната средба меѓу Вучиќ и Курти на 27 февруари била најдобрата досега, дека била тешка, но многу отворена и искрена.
Наведе и дека геополитичката ситуација е променета и дека ЕУ сфатила дека се променила и нејзината улога и на Западен Балкан.
Нејзината улога, како што кажа, стана повеќе стратешка и повеќе пополитичка.
-Многу е важно да ја пренесеме пораката дека ЕУ сега е поподготвена за Балканот, веројатно повеќе отколку што Балканот е подготвен за ЕУ, затоа е исклучително важно да се разбере дека вратата сега е повторно отворена, рече Лајчак.