Маж цели 18 месеци се претставувал како полицаец и учествувал во официјални полициски постапки на аеродромот „Брник“ кај Љубљана, пренесува „РТВ Словенија“. Пропустите можеле да доведат до неовластен пристап до заштитени подрачја, па дури и до загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.

Загрозена можела да биде и безбедноста на полицајците, бидејќи полицијата не реагирала навреме откако добила информации дека на аеродромот „Брник“ дејствува лажен полицаец. Првата информација дека маж се претставува како полицаец, врши полициски овластувања и дека носи оружје била евидентирана на 30 септември 2025 година.

Информацијата била оценета како вистинита и веродостојна, но поради нејзината чувствителност била достапна само за ограничен број полицајци.

И покрај тоа, не била започната постапка за внатрешна безбедност, ниту било известено раководството на криминалистичката полиција, кое можело да нареди дополнителни проверки.

Втора информација за лажниот полицаец била добиена на 9 октомври, но тој продолжил да дејствува.

Лажниот полицаец бил откриен на 15 октомври, откако полицајците на аеродромската полициска станица „Брник“ го препознале на фотографии од несреќа на аеродромот. Тој учествувал во обезбедувањето на местото на несреќата.

При апсењето бил облечен во облека слична на полициска униформа. Кај него биле пронајдени фалсификувана службена полициска легитимација, гасен пиштол и бележник во кој ги запишувал своите активности.

Токму бележникот открил дека од април 2024 до септември 2025 година учествувал во најмалку 16 официјални полициски постапки.

Лажниот полицаец претходно работел како обезбедување на аеродромот, па ги познавал полицајците и начинот на кој функционира нивната работа.

На полицајците им се претставил како помошен полицаец. Двапати се пријавил и на конкурс за вработување и за упис во полициско образование, но не бил примен.

Неговата полициска опрема, која ја набавил преку интернет-порталот „Болха“, се разликувала од опремата што ја користат вистинските полицајци, но тоа не било доволно за да предизвика сомнеж кај нив.