Испратиле заканувачки е-пораки, признале во полиција
Двајца малолетници од скопски Чаир се соочуваат со кривични пријави, откако испратиле лажни дојави за експлозиви во две училишта во Скопје, што предизвика паника и итна реакција на антитерористичките тимови.
Според податоците од Министерството за внатрешни работи (МВР), малолетниците признале во полициска станица, во присуство на родителите и инспекторите, а нивните мобилни телефони биле одземени како доказен материјал.
„Двајцата малолетни пријавени на 19 февруари 2025 година, преку мобилниот телефон на едниот од нив испратиле електронска порака со содржина што содржи закана за поставена експлозивна направа во две училишта – едно основно и едно средно училиште во Скопје. Покрај тоа, на 21 февруари 2025 година, од мобилниот телефон на другиот малолетник, испратена е уште една порака со идентична заканувачка содржина, насочена кон две други училишта во Скопје.“ – изјави портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.
Лажните дојави создаваат страв и општествена парализа
Според експертите за безбедност, ваквите лажни закани не само што трошат значајни полициски ресурси, туку и предизвикуваат вознемиреност кај учениците, наставниците и родителите.
„Ваквиот вид постапки, иако можеби на прв поглед делуваат како обична детска игра, во реалноста претставуваат сериозен проблем што има пошироки последици. Не станува збор само за трошок на ресурси и време на безбедносните служби, туку и за сериозна дестабилизација на образовниот процес. Целосна евакуација на училиштата, активирање на специјалните единици и предизвикување чувство на несигурност кај учениците и наставниот кадар – тоа се последиците што ги носат овие дејствија.“
И покрај тоа што во најголем дел од случаите се работи за лажни дојави, експертите истакнуваат дека МВР мора да реагира на секоја од нив како да е вистинска закана, за да се избегне потенцијален ризик.
Проф. Нацев: Потребна е едукација за безбедносната култура
Според универзитетскиот професор Александар Нацев, основното решение е едукацијата на младите и подигање на свесноста за последиците од нивните постапки.
„Мора да се воспостават долгорочни едукативни процеси кои ќе им помогнат на децата да развијат основна безбедносна култура. Бидејќи станува збор за малолетници, потребно е преку образованието да се влијае на нивната свест и да се објасни зошто ваквите дејствија не само што се непромислени, туку и носат конкретни последици. Воведување на посебни наставни содржини или предмети во училиштата, кои ќе ја зголемат свеста кај младите за одговорноста што ја носат нивните постапки, може да биде клучниот чекор во спречување на вакви инциденти.“
240 лажни дојави за бомби во еден месец
Лажните дојави за бомби се појавија пред три години, кога секоја нова закана доведуваше до целосно празнење на училиштата и темелни проверки од страна на специјалните тимови.
Со цел да се спречат непотребни прекини на наставата, беше воведен нов протокол за постапување, кој овозможи подетални проверки без масовна евакуација.
Но, проблемот не е целосно искоренет – само во февруари 2025 година, на училишните е-маил адреси ширум земјата биле испратени 240 лажни дојави за експлозиви, експлозивни средства и бомби
„Кога првпат се појавија овие закани, ситуацијата беше комплетно хаотична – училиштата беа евакуирани, учениците беа уплашени, а полицијата трошеше огромни ресурси за проверка на секоја дојава. Со текот на времето, беше воспоставен протокол за постапување, со кој полицијата спроведува детални проверки без да ја прекине наставата. Сепак, иако денес системот е поорганизиран, бројот на лажни закани не се намалува, а тоа претставува дополнителен предизвик за безбедносните служби.“
И покрај новите процедури, МВР останува на ставот дека секоја закана мора да се сфати сериозно, бидејќи нема простор за ризик кога станува збор за безбедноста на учениците и наставниот кадар.
Извор: Kanal 5