Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против 40-годишна жена од Радовиш, осомничена дека лажно пријавила поставена бомба во основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш.
Според обвинението, на 29 октомври, осомничената, од престојувалиштето во Скопје, преку својата електронска пошта и мобилен телефон, испратила заканувачка порака до службената е-маил адреса на училиштето, иако знала дека не постои експлозивна направа.
Пораката, која содржела предупредување за наводно поставена бомба, предизвикала вознемиреност кај наставниот кадар и учениците, по што веднаш биле активирани сите служби за итна интервенција.
По спроведената истрага, утврдено е дека заканата била лажна, а сторителот идентификуван преку IP адресата и техничка проверка на електронските траги.
Јавниот обвинител до Судот поднесе и предлог за мерки на претпазливост – забрана за напуштање на престојувалиштето, привремено одземање на патната исправа и забрана за испраќање пораки со заканувачка содржина.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека на 6 ноември 2025 година, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со Секторот за компјутерски криминал, поднел кривична пријава против В.Ј. (40) од Радовиш.
Полицијата спроведе и антитерористичка проверка во училиштето, при што не биле пронајдени експлозивни направи или други опасни материјали.
Обвинителството ја товари осомничената за кривично дело „Лажно пријавување на кривично дело“ по член 366 став 4 во врска со став 3 од Кривичниот законик.
