Вакцини нема, вакцинацијата е стопирана, стоматолозите се известени дека ќе имало краткотраен прекин на имунизацијата бидејќи немало веќе вакцини, реагираше Миле Лефков, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

– Не стопираат вестите во јавноста дека се вакцинирани високи функционери и владини претставници. Сомнежот е каде се вакцинирани, дали тука или во други држави. Сомнежите дека вакцинацијата се злоупотребува, поточно дека се вакцинирани и политичари од власта, мора да се расчисти. Не може и не смее да нема вакцини за здравствените работници, а да има за политичарите од власта. Во интерес на јавното здравје апелираме информациите за тоа кој сè е вакциниран да се декласифицираат, кажете кој сè е вакциниран. Ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесеме посебно барање до собраниската Комисија за здравство да побара информации од Министерството за здравство и точно да се знае кој до сега се вакцинирал против корона. Во меѓувреме, бројката се движи околу високи 30 проценти заболени од вкупно тестираните. Бројката на починати секој ден е по неколку десетина. Не е време да се кријат податоци. Апелираме на декласифицирање на податоците и расчистување на сите сомнежи. Излезете и јавното кажете кој се и колку лица се вакцинирани, ова не е работа и бројки со кои треба да се шпекулира – рече Лефков.