Лицемерие од највисок степен
Од ВМРО-ДПМНЕ со остра реакција кон најновите настапи на СДСМ, оценувајќи ги како лицемерие од највисок степен:
„Кога СДСМ ќе почне да зборува за правда, тоа наликува на ситуација во која крадец држи предавање за морал и чесност. А кога се обидуваат да зборуваат за култура, изгледа како пироман кој се самопрогласува за пожарникар,“ наведуваат од партијата.
Според нив, секогаш кога институциите конечно почнуваат да функционираат според законот, СДСМ се впушта во познатата тактика – ширење дезинформации, страв и политички конструкции. Таквото сценарио, велат од ВМРО-ДПМНЕ, е одамна познато и препознатливо: кога ќе се соочат со вистината, измислуваат скандали.
„Јавноста не заборава,“ нагласуваат оттаму, посочувајќи на, како што велат, бројни злоупотреби во времето на владеењето на СДСМ:
– се блокираа и гасеа истраги, додека обвинителите беа ставени под политичка присила;
– луѓе блиски до врвот на власта беа заштитени како да се недопирливи;
– неистомислениците беа мета на политички прогон;
– Врховниот суд функционираше како продолжена рака на партијата, а Советот на јавни обвинители немо набљудуваше.
Посебно внимание беше посветено на Министерството за култура, кое според ВМРО-ДПМНЕ, било претворено во партиска каса од каде се доделувале средства без критериуми, преку лични и партиски врски. Уметници кои не беа поддржувачи на владејачката структура беа маргинализирани или казнувани, а културните институции беа целосно обезвреднети.
„Денес, уметничката сцена и културните работници конечно може да здивнат. Заврши времето кога буџетот се трошеше на луксузни маици и авионски билети, додека вредни културни проекти беа игнорирани,“ посочуваат од опозициската партија.
ВМРО-ДПМНЕ порачува дека нема да дозволи политички притисоци врз обвинителството, но исто така нема да штити ниту еден поединец што згрешил пред законот – без разлика на политичка, етничка или друга припадност.
„Во тоа е суштинската разлика меѓу нас и нив,“ велат од партијата. „Ние се бориме за праведна држава со еднакви шанси за сите, додека тие се борат да се вратат на власт и повторно да ја узурпираат правдата за лични интереси.“
„Но времето на криминалните структури е завршено. Македонија конечно е во рацете на чесните граѓани.“