Украинскиот Генералштаб соопшти дека Добропилија и натаму е под контрола на украинските сили. Киев ги отфрли како лажни руските тврдења дека градот е заземен.

Портпаролот на Генералштабот, Андриј Коваљов, ги отфрли и наводите на Москва дека руските сили од 1 септември наваму освоиле повеќе од 1.800 квадратни километри украинска територија и 92 населени места.

Синоќа, рускиот началник на Генералштабот, генерал Валериј Герасимов, го известил претседателот Владимир Путин дека Добропилија паднала под руска контрола. Денеска и рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов соопшти дека руските сили го зазеле градот, заедно со уште седум населени места во источна Украина.

Добропилија се наоѓа во регионот Доњецк, југозападно од Славјанск и Краматорск. Градот е на правецот на руското напредување кон овие два големи центри, кои се последните во регионот Доњецк што сè уште се под украинска контрола. Поради стратешката положба, Добропилија подолг период е цел на руски напади насочени кон нејзино заземање.

Руското Министерство за одбрана соопшти и дека во изминатите 24 часа руската војска нападнала објекти за складирање беспилотни летала на украинската армија и транспортна инфраструктура.