Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја оцени како „несреќна“ одлуката на САД привремено да ги запрат новите санкции против Русија. Неговата реакција уследи по нов бран руски напади врз украинската енергетска инфраструктура, објави „Њујорк пост“.

Во објава на Икс денеска, Зеленски предупреди на „неумоливиот ритам“ на руските напади. Објавата беше објавена неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп од Мар-а-Лаго неочекувано нареди привремено запирање на санкциите предвидени со неодамна донесениот Закон на Линдзи Греам.

Според Зеленски, во нападите врз енергетскиот сектор, градовите и локалните заедници биле употребени повеќе од 320 ирански беспилотни летала „Шахед“, со млазен и бензински погон, како и крстосувачки и балистички ракети.

Украинскиот претседател повика на силна јавна поддршка за спроведување на санкциите, но во објавата директно не го спомена Трамп.

„Во истиот момент кога Русија изведува ваков масовен напад врз нашата енергетска инфраструктура, во Америка, за жал, беше донесена одлука целосно да се игнорира Законот на Линдзи Греам. Тој закон требаше да создаде вистински и ефикасен притисок врз Русија за да ја прекине војната“, напиша Зеленски. Тој додаде дека законот можел да биде од голема помош и сè уште може да придонесе, но нагласи дека треба да почне да се применува и дека затоа е важен секој глас на поддршка.

Трамп вчера потпиша извршна наредба за запирање на санкциите против Русија, наведувајќи го „националниот интерес“ на САД како причина. Одлуката следуваше неколку дена откако тој најави план за купување 300.000 тони руски дизел со цел да се намалат цените на светскиот пазар.

Зеленски претходно го критикуваше планот, оценувајќи дека со него се финансира руската воена машинерија.

Тензиите меѓу двајцата претседатели се зголемија и откако Трамп пред неколку дена изјави дека е време Украина „да добие нов претседател“. Завчера го критикуваше Зеленски поради украинските напади врз руските рафинерии, нарекувајќи ги „срамота“.

„Сè што прави е да ја зголемува цената на нафтата во светот“, изјави Трамп.

Одредбите од Законот на Линдзи Греам, чие спроведување Трамп го суспендираше, требаше да стапат во сила денеска. Тие предвидуваа царини до 100 проценти за најголемите увозници на руска нафта и гас, како и царини до 500 проценти за целата руска стока.