Американската скијачка Линдзи Вон повторно е дел од репрезентацијата на САД, иако сè уште закрепнува од тешката повреда што ја заработи на Зимските олимписки игри во Кортина Д’Ампецо во февруари годинава.
Американскиот скијачки сојуз го објави списокот со 49 репрезентативци за сезоната 2026/27. Вон, која има 41 година, е во А-категоријата, заедно со Микаела Шифрин, Бриџит Џонсон и другите најдобри американски скијачки.
По операцијата, Вон ќе помине низ нова рехабилитација, а потоа ќе одлучи дали ќе ја продолжи кариерата.
„Секогаш ќе ме најдете на планината. На овој или оној начин ќе бидам таму. Не знам кога ќе биде тоа и не знам со која брзина ќе се движам. Постојат многу неодговорени прашања кои ми се вртат низ главата и сè уште се обидувам да процесуирам сè. Не сакам да ја затворам вратата за натпреварувањето“, изјави Вон.
