Литванија ја потврдува поддршката за европскиот пат на Македонија и оценува дека земјата напредува во реформскиот процес.
Ова било истакнато на средбата меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за надворешни работи на Литванија, Кестутис Будрис, кој престојува во официјална посета на земјава.
По средбата, двајцата министри оцениле дека билатералните односи се одлични и дека постои простор за нивно дополнително продлабочување, особено во економската и трговската соработка. Како значаен чекор во таа насока било посочено и отворањето на македонска амбасада во Вилнус.
Будрис порача дека Литванија ќе продолжи силно да го поддржува евроинтегративниот процес на Македонија, нагласувајќи дека проширувањето на Европската Унија треба да остане меѓу важните приоритети.
„Северна Македонија спроведува реформи и тој напредок е препознаен. Државата е на вистинскиот пат, а Литванија ќе продолжи силно да го поддржува вашиот европски пат“, истакна Будрис.
Тој додаде дека процесот на проширување мора да биде заснован на заслуги и на објективна оценка на постигнатите резултати.
Муцунски, пак, нагласил дека односите со Литванија се темелат на заеднички вредности и стратешка ориентација, оценувајќи дека посетата претставува нов импулс за политичка, економска и секторска соработка.
