Во Украина треба да запрат непријателствата и да се објави прекин на огнот, изјави во петокот во обраќањето пред граѓаните и парламентот белорускиот претседател Александр Лукашенко повторувајќи притоа дека распоредувањето на руското тактичко нуклеарно оружје во Белорусија е неопходно за заштита од заканите од Западот додавајќи дека постојат планови за инвазија врз земјата од соседна Полска.
Претходно седмицава Белорусија ја објави одлуката да го прифати руското тактичко нуклеарно оружје по повеќегодишните притисоци од САД и нивните сојузници во НАТО на нејзините граници кои континуирано преземаат акции за промена на политичката и геополитичката насока на земјата.
„Верувајте ми на зборот, никогаш не сум ве измамил. Тие се подготвуваат да ја нападнат Белорусија, да ја уништат нашата земја“, изјави во годишното обраќање Лукашенко кој изминатите години повеќепати предупредуваше на трупањето на единици на НАТО во земјите членки на белоруските граници.
Лукашенко, исто така, предупредуваше и на воените провокации од страна на Киев и плановите за преврат во Белорусија по минатогодишниот почеток на руската инвазија во Украина, за што Западот обвинува дека е искористена и белоруската територија.
Рускиот претседател Владимир Путин во саботата изјави дека Русија ќе стационира тактичко нуклеарно оружје во Белорусија. Тоа ќе биде првото распоредување на руско нуклеарно вооружување надвор од границите од распадот на Советскиот сојуз во 1991 година. Од Минск тогаш објавија дека проектилите ќе пружат заштита по кампањата на САД и нивните сојузници со цел да се направи преврат.
„Во текот на последните две ипол години, Република Белорусија беше изложена на политички, економски и информациски притисок од страна на САД, Обединетото Кралство и нивните сојузници во НАТО, како и од државите членки на Европската унија“, беше истакнато во соопштението од вторникот што го објави Минск.
Претседателот Лукашенко во своето обраќање во петокот повика на прекин на воените дејствија и воспоставување примирје во Украина, по што ќе започнат преговори за долгорочно мировно решение, предупредувајќи притоа дека Русија може да биде присилена да го искористи „најстрашното оружје“, доколку се почувствува загрозена.
„Треба да застанеме сега, пред да започне ескалацијата. Ќе се обидам да ризикувам да предложам прекин на непријателствата (…) да прогласам примирје без право на придвижување, на прегрупирање на трупите од двете страни, без право на префрлање оружје, муниција и воена опрема“, рече белорускиот претседател.
Според Лукашенко, доколку Западот се обиде да го искористи примирјето за свои цели, Русија е должна да ја искористи сета моќ на воено-индустрискиот комплекс и армијата за спречување на ескалацијата на конфликтот во Украина.
„Невозможно е да се порази нуклеарни сила. Доколку руското водство сфати дека ситуацијата се заканува со распад на Русија, ќе го употреби најстрашното оружје. Тоа не смее да се дозволи“, речи Лукашенко.
Белорускиот претседател, исто така, истакна дека единствениот начин да се запре војната е преку преговори без предуслови. Притоа изрази изненадување и зачуденост од постапките на украинскиот претседател Володомир Зеленски, алудирајќи на законот со кој на украинската страна ѝ се забранува да преговара за примирје со рускиот претседател Владимир Путин.
„Што е за чудење? Претседателот на суверена земја потпишува декрет кој се однесува конкретно на него и со кој се забранува да се преговара за мир. Едноставно тоа е смешно, ви велам како претседател. Ако не сакаш да преговараш, тогаш не преговара… зошто ја потпишуваше таа уредба и ги засмејуваш луѓето? Што сакате да покажете со тоа?“, рече Лукашенко.