Во Нови Сад одбележани 80 години од доселувањето на Македонците
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој е дел од владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, присуствуваше на свечената академија во Нови Сад по повод одбележувањето на јубилејот „80 години од доселувањето на Македонците во Војводина“.
Тој истакна дека станува збор за значаен датум што има посебна тежина и од историски и од културен аспект.
„Ова е значаен момент и јубилеј, и од историски и од културен аспект“, изјави Љутков.
Министерот нагласи дека македонската заедница во Војводина со децении придонесува за развојот на мултикултурниот карактер на Србија.
„Македонците овде придонесуваат многу за мултикултурниот развој на Србија и се трудат да го одржат континуитетот во однос на македонскиот јазик, културата и традицијата, и тоа е особено важно за нас како Македонци“, рече Љутков.
Присуството на двете влади е потврда за блиските односи меѓу Македонија и Србија
Според Љутков, присуството на премиерите Христијан Мицкоски и Ѓуро Мацут на настанот е уште една потврда за добрата соработка и пријателските односи меѓу двете држави.
Тој посочи дека културната соработка меѓу Македонија и Србија продолжува да се продлабочува преку заеднички активности, проекти и институционални контакти.
Воедно информираше дека е во подготовка Националната стратегија за малцинствата за периодот 2025–2030 година, во која значајно место ќе имаат културните политики и поддршката на заедниците.
Културни настани во чест на јубилејот
Љутков потсети и на отворањето на Културно-информативниот центар во Белград, чија цел е долгорочно да го поддржува македонското малцинство преку различни културни содржини и програми.
Во рамки на одбележувањето на јубилејот во Нови Сад се организираат повеќе културни настани. Во програмата учествуваат македонски национални установи, ансамблот „Танец“, Александра Јаневска, како и хорови од основните училишта во градот.
