Маглата го парализира авиосообраќајот на скопскиот аеродром

Маглата го парализира авиосообраќајот на скопскиот аеродром, при што утрово доведе до задоцнувања на дел од летовите и до едно откажување.

Временските услови имаат влијание и врз слетувањата и врз полетувањата. Најголемо задоцнување кај пристигнувањата е забележано кај летот на „Пегасус“ од Истанбул, од аеродромот Сабиха Гокчен. Летот на „Виз Ер“ од Дортмунд ќе пристигне со задоцнување од околу половина час, додека летот на „АЏет“ од Истанбул е целосно откажан. Во меѓувреме, летовите од Нирнберг, Фридрихсхафен и Виена засега се реализираат според предвидениот распоред.

Пореметувања се евидентирани и кај заминувањата од скопскиот аеродром. Летот на „Виз Ер“ за Париз е одложен за 35 минути и ќе полета во 13:00 часот. Летот на „Туркиш ерлајнс“ за Истанбул ќе полета со задоцнување од еден час и 20 минути, односно во 14:20 часот.