По средбите со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен во понеделникот, вчера премиерот Зоран Заев продолжи со средби со челниците на Европската Унија. Најзначајна беше онаа со високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Борел, кој претходниот ден изјави дека одвојувањето на Македонија и Албанија не доаѓа предвид, оваа порака повторно ја упати и по средбата со премиерот Заев.
– Северна Македонија ги исполнува потребните услови и заслужува да премине на следната етапа, изјави Борел по средбата со Заев.
Шефот на европската дипломатија потсети дека Северна Македонија е една од двете земји кои најдолго чекаат пред вратите на ЕУ.
– Има силна поддршка за одржување на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија што поскоро. Знаеме дека чекате одамна, можеби 16 години, и сте втората земја што најдолго чека пред вратите на проширувањето, рече високиот претставник за надворешна политика на ЕУ.
Борел додаде дека С. Македонија може да смета на поддршката на Европската Унија за изнаоѓање решение за процесот на пристапување во ЕУ, како и во борбата против пандемијата од Ковид-19. Тој ја пофали државата и за нејзиниот висок степен на усогласеност со надворешната политика на ЕУ, нешто што, рече тој, се постигна во тешки услови.
– Нашата проценка не е сменета и ова беше јасно пренесено на средбата помеѓу претседателката фон дер Лајен и премиерот Зоран Заев, изјави Шефчович, додавајќи дека шефицата на Европската Комисија ги пофалила извонредните реформски напори на државата и изразила надеж дека ќе се тргне напред со С. Македонија.
Вториот човек на Европската Комисија истакна дека тие го имаат и поширокиот геополитички контекст на ум кога станува збор за Северна Македонија за која ЕУ е единствената стратешка опција.
– ЕУ перспективата претрпе штета со пандемијата од Ковид, рече Шефчович и изрази надеж дека после оваа прва тура вакцини донирани од ЕУ, ќе пристигне уште една.
Од страна на Советот исто така се охрабри јавноста дека се вложуваат максимални напори за да се оствари усвојувањето на преговарачката рамка и одржувањето на првата Меѓувладина конференција пред крајот на јуни, кога завршува португалското претседавање со ЕУ.
– Португалското претседателство се обидува да турка за двете земји да започнат преговори во исто време и ќе продолжиме да го правиме тоа, ангажирани сме со сите релевантни власти за да видиме како претседателството може да ги поддржи преговорите и да ја свика првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија за време на нашето претседавање, изјави Ана Паула Закариаш, државна секретарка за европски прашања на Португалија, која вчера претседаваше со министерскиот состанок на ЕУ за општи работи, телото кое ја носи конечната одлука за одржување на Меѓувладината конференција.
Државната секретарка нагласи дека се водат разговори и со Скопје и со Софија за да се надмине блокадата на патот на Северна Македонија.
– Разговараме со релевантните македонски власти и со бугарските власти и даваме се од себе за да видиме дали постои можност за преговори до јуни, додаде Закариаш.
Заев од своја страна нагласи пред сите соговорници во Брисел дека преговори се прифатливи за С.Македонија само под услов тие да не задираат во македонскиот идентитет и јазик.
Впрочем, еден од условите на С. Македонија е да стои „македонски јазик“ во самата преговарачка рамка која допрва треба да се усвои. Оваа рамка ги дефинира начелата на преговарачкиот процес помеѓу Скопје и Брисел и треба да биде усвоен, како од европска, така и од македонска страна.