Македонија и САД со договор за царини – постигната е рамка за реципрочна и балансирана трговија
Белата куќа објави Заедничка изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија, со која се поставува рамка за склучување сеопфатен договор. Со него се предвидува тарифите да не надминуваат 15 проценти, а за одредени производи и индустрии да изнесуваат и 0 проценти.
Според изјавата, Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија се договориле за Рамка за договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, со цел зајакнување на билатералните економски односи и проширување на пристапот на извозниците до пазарите на двете земји. Договорот има за цел да ја продлабочи трансатлантската соработка, да го поддржи економскиот раст и да ги унапреди заедничките стратешки интереси.
Клучни тарифни одредби и пристап до пазарите
Македонија ќе ги укине царините за сите индустриски и земјоделски производи од САД што се извезуваат на македонскиот пазар. Од американска страна, ќе се задржат реципрочните тарифи од 15 проценти за стоки со потекло од Македонија, согласно извршната наредба 14257 од 2 април 2005 година, со измени, додека одредени производи од листата во Анекс III на извршната наредба 14346 од 5 септември 2025 година ќе добијат нулта реципрочна тарифа. Двете страни оставаат можност за дополнителни тарифни измени по финализирањето на договорот, имајќи ги предвид трговскиот биланс и други релевантни фактори.
Воедно, ќе се работи на надминување на нетарифните бариери што, според САД, влијаат врз билатералната трговија во приоритетни области. Предвидени се и консултации со цел да се спречат и отстранат евентуални пречки за американските земјоделски производи на македонскиот пазар.
Енергетика, дигитална трговија и стратешка соработка
Двете земји се обврзуваат да ја зајакнат соработката во економската и националната безбедност, со цел подобрување на отпорноста на синџирите на снабдување и поттикнување иновации. Во тој контекст, ќе се преземат комплементарни активности за справување со непазарни политики на трети земји, како и мерки против избегнување царини, соработка во контрола на инвестиции и извоз.
Во енергетскиот сектор се истакнува изградбата на нов гасен интерконектор меѓу Македонија и Грција, што треба да придонесе за поголема енергетска безбедност и диверзификација на изворите, вклучително и преку набавка на американски течен природен гас. Македонија ќе започне со купување на американски LNG по завршувањето на интерконекторот.
Во делот на дигиталната економија, Македонија се обврзува да не воведе данок на дигитални услуги и да поддржи траен мораториум на царини за електронски преноси во рамки на Светската трговска организација. Предвидени се и разговори за заштита и спроведување на правата од интелектуална сопственост, вклучително и географски ознаки, како и ангажман за прашања поврзани со трудот и олеснување на трговијата со услуги.
Двете страни ќе продолжат со активности за финализирање на договорот, негова подготовка за потпишување и спроведување на потребните домашни процедури пред стапување во сила.
