Економската соработка меѓу Македонија и САД, како и американската поддршка за реформските процеси во земјата, биле во фокусот на средбата меѓу вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и вршителката на должноста амбасадор на САД во Македонија, Никол Варнс.

На средбата двајцата констатирале дека економските врски меѓу двете земји се на високо ниво, а трговската размена продолжува да бележи позитивен тренд. Во разговорот било истакнато и значењето на стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД за стабилноста на земјата и регионот.

Николоски посочил дека развојните политики на Владата се насочени кон економскиот развој преку реализација на крупни капитални проекти, кои имаат значење и за регионалното поврзување и интеграција.

„Заменик претседателот Николоски, на средбата истакна дека развојните политики на Владата се насочени кон економски развој, токму преку реализација на крупните капитални проекти кои водат кон регионалното поврзување и интеграција. Тој додаде дека изградбата на автопатите на Коридорите 8 и 10-д се реализираат со одлична динамика согласно предвидените рокови“, соопшти Министерството за транспорт.

На средбата било поздравено и стратешкото партнерство меѓу двете земји, со оценка дека тоа претставува важен фактор за стабилноста во Македонија и поширокиот регион.

Двајцата соговорници заклучиле дека Македонија и САД имаат одлични билатерални односи и изразиле подготвеност за нивно дополнително унапредување во области од заемен интерес.