Премиерот Христијан Мицкоски предлага уставните измени да бидат изгласани во Собранието веднаш, но нивното стапување во сила да биде одложено до завршувањето на пристапните преговори со Европската Унија. Според него, на тој начин Македонија би имала гаранција дека сегашниот услов нема да биде проследен со нови пречки.
Мицкоски го изнесе предлогот во интервју за Атлантскиот совет во Вашингтон, каде што ја предводи владината делегација во неколкудневна посета.
„Оваа Влада има предлог да се направат измените веднаш во Собранието, но да стапат во сила кога ќе ги завршиме преговорите и кога сите парламенти на земјите членки ќе го ратификуваат пристапниот протокол“, рече Мицкоски.
Официјалната позиција на ЕУ е дека договорените уставни измени се услов за следната фаза од пристапниот процес. Обврската произлегува од решението договорено во 2022 година, а за измените во Собранието е потребно двотретинско мнозинство.
Мицкоски начинот на кој била преземена оваа обврска го посочи како една од причините за сегашната блокада. Тој ја критикуваше претходната влада дека прифатила услов за кој немала доволно пратеници за обезбедување двотретинско мнозинство.
„Претходната влада не успеа да испорача резултати дома и практично рекоа: „Еве, дајте ни бел лист хартија, ние ќе прифатиме сè“. И тоа го направија. Се обврзаа да го променат Уставот, знаејќи дека се многу слаба влада, без двотретинско мнозинство во Собранието“, рече Мицкоски.
Тој оцени и дека претходната власт прифатила обврска која не можела да ја спроведе.
„Претходната влада прифати нешто што не е во можност да го испорача. Ако прифаќате услов за кој е потребно двотретинско мнозинство во Парламентот, а го прифаќате со просто мнозинство, тоа е нелегална постапка“, изјави премиерот.
Според предлогот на актуелната влада, уставните измени би биле донесени, но нивната примена би се одложила. Моментот на нивното стапување во сила, како што објаснува Мицкоски, би бил поврзан со завршувањето на пристапните преговори и ратификацијата на пристапниот протокол од парламентите на сите земји членки.
„Ова е гаранција дека нема да има дополнителни пречки и дека ова е последното“, рече Мицкоски.
Идејата за одложено дејство, според него, не е нова во неговата политичка позиција и била застапувана уште од почетокот на мандатот на Владата.
Мицкоски рече дека Владата ќе остане на оваа позиција и покрај пораките од Брисел дека треба да се спроведе договореното во 2022 година.
„Ова е нешто што го отвора патот во иднината за мојата земја. Јас не сум таков тип политичар кој би сакал да влезе во авантура без предвидлив и догледен крај“, рече тој.
Премиерот потврди и дека Владата разговара со Вашингтон за ова прашање.
„Секако дека разговараме со нашите стратешки партнери и секако дека разговараме со Вашингтон за овој предизвик. Дали ќе бидеме успешни, не знам, но ќе продолжиме да разговараме со стратешките партнери кога се соочуваме со предизвици“, рече Мицкоски.
Неговиот настап во Атлантскиот совет на 17 септември беше посветен на стратешкото партнерство со САД, економската иднина на Македонија и европската интеграција на земјата.
