Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Копенхаген ќе се соочи со Данска во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство 2026. Предводени од новиот селектор Гоце Седлоски, нашите фудбалери ќе се обидат да направат изненадување против силниот противник.

Седлоски: Имаме шанса што ја обединува државата

„Ова е голем момент за сите нас. Имаме шанса да се бориме за место на Светско првенство и тоа е мотив што ја обединува целата држава. Данска е квалитетен и респектиран противник, но и ние сме тука со причина. Во тимот гледам енергија, концентрација и желба. Играчите го разбираат значењето на дресот и верувам дека тоа ќе го покажат на терен. Подготвени сме тактички, знаеме што сакаме да играме, иако одлуката за составот и формацијата останува кај мене“, изјави Седлоски.

Данска фаворит, Македонија со мотив

Данска на мечот влегува како фаворит, но македонските репрезентативци најавуваат максимално залагање во обид да дојдат до позитивен резултат. Натпреварот ќе се одигра на стадионот „Паркен“, каде се очекува полн капацитет од 38 илјади гледачи, меѓу кои и околу илјада македонски навивачи.

Почетокот на натпреварот е закажан за 20 часот и 45 минути. Победникот од овој дуел, во финалето на плејофот на 31 март ќе се соочи со поуспешниот од дуелот Чешка – Република Ирска.