Растот на бројот на новозаразени со коронавирус последниве недели ја враќа Македонија на „црната листа“ за патување во ЕУ. Веста за агенцијата Ројтерс ја потврдиле двајца дипломати на Унијата.

Меѓу земјите за кои ќе се вратат ограничувањата се и САД, Косово, Израел, Црна Гора и Либан.

Процедурата за одлуката започнала денеска, а се очекува да биде потврдена во понеделник доколку ниту една земја-членка на ЕУ не ја блокира.

Таканаречената „листа на безбедни земји“ на која се најде и Македонија беше усвоена од ЕУ на 15 јули годинава и на неа се најдоа 23 држави.

Критериумите според кои се одредува дали граѓаните на некоја земја ќе можат туристички да патуваат во ЕУ ја опфаќаат актуелната епидемиолошка состојба и генералното справување со Ковид-19, како и квалитетот на информациите и изворите на податоци. Дополнително, како во случајот на САД, фактор е и реципроцитетот, имајќи предвид дека жителите на ЕУ се уште не можат да патуваат на другата страна на Атлантикот.

За македонските граѓани одлуката ќе значи дека повторно ќе се соочуваат со големи ограничувања при туристички, односно ткн. не-есенцијални патувања во ЕУ. Некои земји можат целосно тоа да го забранат, а некои можат да наложат обврзувачки карантин при пристигнувањето.