MKD-GOV-CSIRT доби полноправно членство во меѓународната организација

Владиниот Центар за одговор на сајбер инциденти (MKD-GOV-CSIRT) е примен како полноправна членка на FIRST – Forum of Incident Response and Security Teams, глобалната мрежа на тимови за одговор на компјутерски безбедносни инциденти, објави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Тој оцени дека станува збор за значаен успех и потврда за напредокот на државата во областа на сајбер безбедноста.

„Убави вести денеска од САД – силна потврда за напредокот на Македонија во сајбер безбедноста“, напиша Андоновски.

Министерот посочи дека особено важно е што членството е обезбедено со домашни капацитети.

„Особено е важно дека овој чекор се прави со домашни човечки и инфраструктурни ресурси од Министерството за дигитална трансформација и Секторот за сајбер безбедност, со стручна и техничка поддршка од нашите пријатели од САД и ЕУ. За Македонија ова е важен чекор во градењето посилен, професионален и европски систем за сајбер отпорност.“

Членството носи нови можности и пристап до експертиза

Според Андоновски, приклучувањето кон FIRST ќе овозможи побрза и поефикасна реакција при справување со сајбер закани, како и продлабочување на меѓународната соработка.

„Ова членство значи поголема меѓународна доверба, побрза размена на информации, пристап до експертиза и подобра координација при справување со сајбер закани. Со ова, завршуваме уште еден чекор од Реформската агенда со рок 30 јуни 2026 година и отклучуваме нови средства од Планот за раст.“

Тој најави дека институциите ќе продолжат со вложувања во зајакнување на системот за дигитална безбедност.

„Продолжуваме да инвестираме во капацитетите на службите за одговор на сајбер инциденти, во заштитата на институциите и во безбедноста на дигиталните услуги за граѓаните и компаниите.“