Селекторот очекува максимално тежок натпревар во Прешов
Селекторот на македонската машка ракометна репрезентација Кирил Лазаров предупредува дека вечерниот дуел со Словачка во баражот за Светското првенство 2027 ќе биде исклучително тежок и исполнет со притисок.
Лазаров нагласи дека тимот е свесен за важноста на натпреварот, особено по долгогодишното редовно учество на големите натпреварувања, што носи дополнителна одговорност.
„Влогот е огромен. Изминатата деценија постојано сме присутни на светските и европските првенства и тоа е дополнителен притисок за нас. Словачка е неатрактивен противник, но тоа не значи дека не е квалитетен. Напротив, мислам дека треба да го почитуваме секој противник“, изјави Лазаров.
Искуството може да биде клучно во вакви натпревари
Според селекторот, очекувањето е натпреварот во Прешов да биде физички напорен и со голема тензија, но верува во искуството на македонските ракометари.
Тој додаде дека целта е да се извлече позитивен резултат пред реваншот во Скопје, закажан за 17 мај.
„Секогаш е тешко да се игра на гости, затоа очекувам тврд и физички тежок натпревар, со многу тензии. Но, сметам дека искуството е на наша страна кога станува збор за вакви натпревари“, рече Лазаров.
Натпреварот во „Татран Арена“ започнува во 19 часот.
