Истражен судија на Основниот суд во Улцињ ѝ одреди 30-дневен притвор на 43-годишната Сашка Стојановска од Македонија, поради сомнение дека сторила кривично дело убивање и мачење животни и уништување на нивното живеалиште. Одлуката следува откако било утврдено сомнение дека таа со автомобил прегазила и усмртила куче од расата „Шарпланинец“ во Улцињ.
Како што објави црногорскиот портал „Вијести“, мерката притвор била определена во саботата, откако Основното државно обвинителство (ОДТ) во Улцињ претходно ѝ одредило притвор до 72 часа и поднело предлог до Основниот суд за продолжување на мерката.
Според информациите од обвинителството, инцидентот се случил во близина на булеварот „Теута“, каде што Стојановска, управувајќи патничко моторно возило „Мерцедес“, наводно го прегазила и го убила кучето на сопственикот.
„На 25 јули 2026 година, истражниот судија на Основниот суд во Улцињ одреди притвор на осомничената С.С. (43) од Скопје до 30 дена, поради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело убивање и мачење животни и уништување на нивното живеалиште по член 309 став 1 од Кривичниот законик на Црна Гора“, информираа од Одделот за односи со јавноста на Основниот суд во Улцињ за „Вијести“.
Од судот посочиле дека притворот е определен врз основа на член 448 став 1 точка 1 од Законот за кривична постапка, поради постоење околности кои укажуваат на опасност осомничената да избега и со тоа да го попречи понатамошното одвивање на постапката.
