Британскиот весник Тајмс ја наведе Македонија како „восхитувачка туристичка дестинација“ во листа во која се наброени и лагуни во Исланд, францускиот гастрономски замок Белет и луксузни одморалишта во Дубаи.

Понудата на која Тајмс се фокусира во Македонија е компанијата Шар Аутдорс, која нуди ски авантури на Шар Планина.

– Формирана од група на домашни авантуристи, кои израснале во македонските планини, Шар Аутдорс овозможува адреналински уживања. Тие добро го познаваат задоволството на скијање по длабок снег, низ недопрени терени, и со задоволство ќе ве понесат на скијање, планинарење, возење со електрични велосипеди или истражување на планината со сродни посетители, пишува Тајмс.

Весникот додава дека 16-те водичи на Шар Аутдорс имаат меѓу 6 и 10 годишно искуство во организирање тури низ планината и применуваат високи безбедносни стандарди за своите посетители.

Прилогот е илустриран со фотографија од една од нивните типични авантури – посета на недопрени делови на планината со ратрак, по што гостите можат да скијаат низ длабок снег.